Во годините по осамостојувањето, во 1990-те, Охрид беше база на фудбалската репрезентација на Македонија. Од тука „црвено-жолтите“ тргнуваа на мегдан со противниците во квалификациите за Европско или Светско првенство. Тревникот на СРЦ „Билјанини извори“ беше меѓу најдобрите во земјата. Благодарение на одличната дренажа изведена од армијата на поранешната заедничка држава. Три децении подоцна градскиот стадион во Охрид доби нова, модерна источна трибина, изградена според стандардите на УЕФА, со средства од нејзината програма и големо залагање на Фудбалската федерација на Македонија и Градот Охрид.
Сефте на разубавениот стадион на СРЦ „Билјанини извори“ направија фудбалските репрезентации до 21 година на Македонија и Србија, кои во рамки на квалификациите за пласман на ЕП, денеска одиграа нерешено 0:0, во возбудлив натпревар.
Поради ковидот беше дозволен влез на ограничен број публика. Без разлика, беше убаво да се видат повторно во голем број вљубениците во „буба-марата“, да се види репрезентацијата во Охрид. Меѓу присутните првите луѓе на ФФМ, на Градот Охрид, истакнати фудбалски имиња, спортисти, навивачи.
Охрид повторно пулсира со репрезентацијата. Денеска со младата, во иднина, се надеваме и со сениорската, дотолку повеќе што општината и ФФМ најавија изградба на уште една модерна трибина на местото на старата западна трибина, со што можностите за организација и на поголеми официјални мечеви на репрезентацијата ќе бидат многу поголеми. Доказ дека вложувањето во спортот е вистинска инвестиција. Треба повеќе и почесто.
OhridNews
Фото: А. Момироска
Канатларовски: Тежок но интересен натпревар, резултатот е реален
Обновено: Реми на „Билјанини Извори“ на младите селекции на Македонија и Србија