Атлетската манифестација „Охрид трчаТ“ блесна со сиот свој сјај на јубилејното петто издание, кое се одржа изминатиов викенд во Охрид. Кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот втора година по ред не дозволи исполнување и реализирање на целата програма, но „Охрид трчаТ“, во неповолни услови се соочи со предизвикот и успеа да ја врати насмевката кај луѓето, кои, пак, беа на висина на задачата кога се работи за почитување на мерките и протоколите.

На дисциплината 21 километар (полумаратон) најдобри беа Милош Ранчиќ во машка, односно Биљана Кираџиева во женска конкуренција. За Кираџиева ова е втора победа во Охрид, откако победи и минатата 2020 година, додека Ранчиќ прв пат се искачи на првото место на пиедесталот.

Од првото издание сум дел од „Охрид трчаТ“. Ја познавам патеката и и ги знам сите точки, каде и што треба да направам. Наметнав темпо со кое се одлепив малку и успеав да победам, – рече Ранчиќ.

На рекреативната 5-километарска трка во машка конкуренција прв мина Муџахид Мислимоски со време 18 минути и 38 секунди, додека кај дамите прва заврши Николина Милевска Велјаноска со време 24 минути и 17 секунди. Тим билдинг трките ги одбележаа ИПА и Најк ран клуб, кои триумфираа во машка и женска конкуренција на 5 и 21 километар.

Атмосферата на петтото издание на 2Охрид ТрчаТ“ ја долови фоторепортерот на OhridNews, Анамарија Момироска.

На малиот јубилеј на „Охрид трчаТ“ учествуваа вкупно 830 натпреварувачи.

Мх.П.
Фото: Анамарија Момироска

 

Обновено: Милош Ранчиќ и Биљана Кираџиева триумфираа на „Охрид трчаТ“