Неколку илјади навивачи се собраа вечерва на централниот скопски плоштад „Македонија“ за да и ја честитаат на македонската фудбалска репрезентација големата победа над европскиот првак Италија и пласманот во финалето од мундијалскиот бараж.

На насобраните симпатизери им се обрати капитенот Стефан Ристовски, најавувајќи беспоштедна борба и во вторник против Португалија, против последниот противник на патот до историски пласман на Светско првенство

Пред нас имаме уште еден натпревар. Сакаме да ви ветиме дека ќе го дадеме својот максимум, како што го дадовме и вчера, порача македонскиот капитен.

Во скусена славеничка програма поради строгите ковид – протоколите пропишани од УЕФА, кои не дозволуваат групирање на фудбалерите со луѓе надвор од тимот, присутните навивачи ги поздравија неколкумина репрезентативци, придружувани од селекторот Благоја Милевски.

Македонската фудбалска репрезентација в недела треба да замине за Порто, каде во вторник од 20:45 часот ја очекува финалето во мундијалскиот бараж против Португалија на стадионот „Драгао“, чиј капацитет од 48.000 гледачи, според најавите, ќе биде распродаден.

Фото галерија:

Илјадници навивачи ги поздравија фудбалските херои на плоштадот „Македонија“

OhridNews
Фото: Миа