Биењето на камбаните во храмовите на Македонската православна црква, точно на полноќ, ја најавија радосната вест за воскресението Христово. Поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот Ковид – 19, оваа година верниците наместо во црквите, останаа во своите домови.
Поради мерките на претпазливост, во Свети Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник, каде вообичаено се одржува централната богослужба, празничната литургија ја одржа митрополитот Плаошко – струшки, Дебарско – кичевски и Администратор Австралиски г. Тимотеј во сослужение со само неколкумина свештеници.
Традиционално Велигденската богослужба заврши со читање на празничното послание на поглаварот на Македонаката православна црква – Охридска архиепископија Г.Г. Стефан, во кое тој не ја одмина кризата предизвикана од коронавирусот, која целосно го промени начинот на живот во светото и кај нас, што влијаеше и на одбележувањето на најголемиот христијански празник.
Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Поминуваме низ еден период кој од нас бара послушност и воздржување. Појавата на корона – вирусот во светот, а воедно и во нашава земја, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни. Затоа, да се придржуваме по советите и мерките изречени од надлежните институции, и сите заедно да придонесеме да се намали и спречи ширењето на заразата. На нашите верници им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нè избави од оваа опасна болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста. – се вели меѓу другото, во Велигденската честитка на Поглаварот на МПЦ – ОА.
Г.М.
Фото: А. Момироска