Аплаузите и овациите долго одекнуваа по завршниот бис на познатиот охридски бенд „Камелеон“ кој вечерва приреди магична музичка вечер на градското пристаниште.
Под отворено небо, во прекрасен амбиент кој плени со расположена публика на бродови, катамарани, едрилици и кајчиња, и голем број љубопитни минувачи на градскиот кеј, „Камелеон“ и пријателите во придружба на битолскиот камерен оркестар направија концерт кој ќе се памети.
На „Езерската РОК симфонија“ беа изведени 17 песни, меѓу кои и новите „Река“ и „Те љубам“, кои беа промовирани токму вечерва.
Познатите рефрени на „Камелеон“ кои публиката ги пееше во еден глас, беа со нови аранжмани, а специјални гости на вечерта беа Ѓоко Танески, Жармена, Теодор Љушкоски, Горан Папаз, Никола Тони и хорот „Vox Lychnidos“.
Езерската РОК симфонија имаше и хуманитарен карактер и во рамките на настанот се собираа средства за охриѓанецот Трајан Целески- Тачо.
Фото галерија:
Г.М.
Фото: А. Момироска
Дрон: Даниел Јовески