Еден по еден македонските фудбалски репрезентативци пристигнуваат во базата на А селекција, која официјално ја старуваше мисијата Грузија и пласман на Европското првенство. Позитивната атмосфера преовладува во македонската репрезентација во пресрет на финалето од баражот кое ќе се одигра на теренот од ривалот в четврток во 18 часот.

Од списокот на А селекцијата отпадна голманот на Силекс, Даниел Божиновски кој доби позитивен исход на тестот за коронавирусот. Селекторот Игор Ангеловски нема да повика дополнително голман, бидејќи има уште три на располагање.

Од фудбалерите кои пристигнаа во репрезентативната база, за жал, Даниел Божиновски е позитивен на Ковид-19 и нема да биде во комбинација за овие натпревари. Денеска го очекуваме пристигнувањето на Кире Ристевски кој треба, исто така да има негативен тест за да може да се стави на располагање. Аријан Адеми ќе оди на детални медицински прегледи откако пријави повреда здобиена на загревање пред вчерашниот натпревар на Динамо. Јас се надевам дека нема да имаме дополнителни проблеми по пристигнувањето на останатите фудбалери и подготвени ќе ги започнеме планираните тренинзи. – изјави селекторот.

До крајот на денот треба да пристигнат Горан Пандев, Елиф Елмас и останатите репрезентативци кои играат надвор од Македонија.

OhridNews