По десетти пат, во прекрасниот амбиент на Вевчани, се одржува Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, што традиционално ја организира познатиот ресторан „Виа Игнација“. На јубилејното издание на колонијата учествуваат 35 уметници од сите страни на светот и 12 млади талентирани уметници, кои што ќе творат со своите поискусни колеги во Вевчани.

Вевчани е секогаш инспирација за уметниците да творат во оваа прекрасна природа, а ние како организатори ќе се потрудиме да им овозможиме услови за што подобар престој. – изјави Ефимија Угриновска Кукоска, од организациониот одбор на Меѓународната колонија „Вевчански видувања“.


Ефимија Угриновска Кукоска

Делата кои ќе бидат насликани на Меѓународната колонија во Вевчани се презентираат на изложби во земјата и надвор од неа.

Изложбите се доста посетени. Луѓето се секогаш заинтересирани за Македонија и Балканот, ја истражуваат културата и традицијата на овој дел од Европа и добиваме позитивни коментари да продолжиме со тој тренд. – истакна Ефимија Угриновска Кукоска.

Петар Почев – ликовен уметник (лево)

Познатиот македонски уметник Петар Попчев учествува на ликовната колонија во Вевчани од самиот почеток. Вели дека годинешното издание според конкуренцијата на домашните уметници, е најсилно до сега.

Убавината на Вевчани не е во природата, во нивната чесност, гостопримство, туку во нивната гордост. Вевчанци се стварно горди луѓе и кога ве сакаат ве сакаат со сето срце. – вели уметникот Попчев.

Петар Бељашки, уметник од Пловдив, Бугарија, трет пат е во Вевчани и како што вели, секогаш е одушевен од атмосферата која владее на колонијата. Други пак ги плени амбиентот, кој, како што велат, им ја поттикнува инспирацијата.

Ова е сериозна колонија во која се работи сериозно. Прекрасно е, тука сме со колеги од целиот свет со кои разменуваме мислења и разговараме за уметноста, без политика се разбира. – рече Бељашки.

Овде се раѓа водата, која е инспирација за моите слики. Прекрасно место со прекрасни луѓе. Ова е една од подобрите колониии, а тоа зависи и од местото и од луѓето кои што учествуваат. – додава македонскиот уметник Ефтим Ристов.

Десеттата јубилејна Меѓународна колонија „Вевчански видувања“ беше орворена синоќа во ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани. Во знакот на децениското постоење на Колонијата беа доделени одличија „Плакета порта“ на академикот Глигор Чемерски (постхумно), на академски сликар Петар Попчев, на француската сликарка Ми Ан Хо, како и на „Охридска банка“ групација Сосиете Женерал која повеќе години ја поддржува оваа важна културна манифестација.

Деценискиот јубилеј беше заокружен со прекрасен целовечерен концерт на хрватските музички ѕвезди Петар Грашо и Даниела Мартиновиќ.

На крајот од секоја колонија, а во функција на натамошно афирмирање на уметноста, организаторите издаваат висококвалитетен каталог на македонски и на еден друг светски јазик (најчесто англиски или француски). Примероци од каталогот, потоа, освен на учесниците има се доставуваат и на поголем број еминентни институции и личности од светот на уметноста.

Почнувајќи од 2010, секоја година на крајот на месецот јуни, во реномираниот ресторан „Виа Игнација“, во Вевчани, се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. До сега, на оваа реномирана културно-уметничка манфестација имаат земено учество над 150 еминентни ликовни уметници од државата и странство.

Фото галерија:

OhridNews