Ракометарите на Охрид забележаа убедлива победа во Езерското дерби со Струга што се одигра вечерва во салата „Билјанини извори“ во рамки на 2 коло од плеј-офот.

Пред полни трибини и одлична атмосфера што ја создадоа најверните навивачи на Охрид и Струга, „Рибари“ и „Паткари“, „Гладијаторите“ славеа со 31:24, полувреме 17:11.

Освен во почетните минути кога гостите држеа резултатски притисок, се друго беше во знакот на домашниот тим. Охрид при резултат 3:4 уфрли во брзина погоре, а Струга не можеше да го прати наметнатиот ритам. Водството на Охрид растеше, за на полувреме да се замине со +6.

Во вториот дел иста слика. Охрид продолжи да доминира и да рутински да го одржува високото водство. Резултатска неизвесност немаше, но затоа публиката во целосно исполнетата сала „Билјанини извори“ можеше да ужива во атрактивни потези и голови.

Орјоникидѕе и Цирар мечот го завршија со по 6 гола, еден помалку уфрли Ојлески. Кај Струга единствен вистински расположен беше Марис Бошњак со 13 погодоци.

Статистика ГРК Охрид:  Ѓорѓески, Ристески, Ојлески 5, Андоновски, Мацуока 2, Јукиќ 3, Дрогришки, Шипинкоски 2, Тасески 1, Шафрамко 1, Кукоски, Крстевски, Шешиќ 3, Орјоникидѕе 6, Бојаниќ 2, Цирар 5.

Статистика ГРК Струга: Тутенкоски, Пренчевски 1, Ѓорѓиески 1, Савески 2, Кленковски, Јанкуловски 3, Симоновски, Мојоски, Велјаноски, Клечкароски, Костоски 1, Матески 2, Бошњак 13, Марковски, Гускароски, Рикановиќ.

Изразуваме огромна благодарност на публиката која до последно место ја исполни салата „Билјканини извори“, до охриѓани и навивачката група „Рибари“ која создаде амбиент за паметење што беше дополнителна инспирација за играчите да дадат се од себе и да извојуваат значајна победа, – истакнаа по мечот од ГРК Охрид.

За Охрид ова е втора победа во плејофот од исто толку натпревари со што „Гладијаторите“ остануваат во врвот на табелата со 8 бода.

Езерското дерби за Охрид

Во следното коло Охрид му гостува на Еурофарм Пелистер во Битола.

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска
Бобан Стојаноски
Видео: Ричард Калајџи