Дождливото време не беше пречка голем број љубители на трчањето да се појават на стартот на рекреативната ноќна трка со која и официјално започна седмото издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.
Резултатите на трката беа во втор план, но учесниците не го криеја задоволството од постигнатиот личен успех. На целта дотрчаа сите, кој порано, кој подоцна, подобро подготвени, рекреативци, колеги и групи, семејства, деца, прекрасна слика која ја покажува моќта што ја има спортот.
На целта тркачите ги пречекаа волонтерите на „Охрид трчаТ“ и музички сет на Никола Тони, во чиј ритам пулсираше градскиот кеј.
Ноќната трка на „Охрид трчаТ“ заврши со голема забава и хуманитарна паста парти што организаторот ја реализираше во соработка со средното угостителско училиште „Ванчо Питошески.
Денеска продолжува експото на „Охрид трчаТ“, а главните трки се утре, од 8.30 часот. Ќе се трча на 5 и 21 километар, индивидуално и штафети.
Г. Момироски
Фото: А. Момироска