Победниците го испија победничкиот шампањ, а илјадниците тркачи со нивните блиски и уште толку љубители на спортот, уживаа во забавата со која и официјално беше спуштена завесата на седмото издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.
Меѓу учесниците на „Охрид трчаТ“ оваа година беше Аквамен, односно неговата супер копија од Македонија, кој беше вистинска атракција. Како и што доликува, шампионот од водните длабочини ја овековечи посетата на Охрид со фотографија со победникот на „Охрид трчаТ“, Дарио Ивановски.
Покрај Аквамен, на „Охрид трчаТ“ се појави уште еден супер херој инспириран од дека на “DC Comics”, Супермен.
На трките на 5 и 21 километар учествуваа близу 2000 натпреварувачи. Меѓу нив беше и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, како и познати лица од јавниот живот, но и тимови на компании кои на најдобар можен начин го промовираа здравиот начин на живот.
Голем број учесници, пак, трката ја искористија да упатат порака со поддршка на ранливите категории граѓани, лицата со инвалидитет, на лицата со ретки болести…
„Охрид трчаТ“ заврши со дружба на градскиот кеј кој денеска зрачеше со позитивна енергија.
Г. Момироски
Фото: Кики Муки, Анамарија Момироска, Бобан Стојаноски, Digital Box