Повеќе возила, меѓу кои и ретки модели, беа изложени вечерва на плоштадот кај Чинарот во центарот на Охрид.
Доминираа автомобили од јапонско производство кои, без оглед на годината на производство изгледаа одлично благодарение на нивните сопственици, инаку големи љубители во автомобилите и автомобилизмот.
Автомобилска изложба на плоштадот кај Чинарот ќе има и утре вечер од 19 до 22 часот како најава за ноќниот собир на автомобили (Night Car Show #2) што ќе се одржи на 10 август во организација на „USCCO“ (Урбан Стрит Кар Клуб Охрид), со поддршка од Општина Охрид, на добро познатата локација Касарна Охрид.
На собирот во Охрид ќе бидат изложени голем број спортски модифицирани и уникатни автомобили. Настанот ќе биде од натпреварувачки карактер, но пред се ќе биде забавен, со настап на диџеи и игри како што се: клупско влечење на јаже, држење на тркало од автомобил, туркање на раце и сл. Сите што ќе дојдат да уживаат во содржините на настанот се добредојдени, истакнуваат организаторите.
Ноќниот собир на автомобили на 10 август во Охрид почнува во 19 часот.
Г.М.
Фото: А. Момироска