Со концерт на ансамблот „Танец“ вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“, почна 63. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

КУД Танец

Фестивалот за отворен го прогласи Антонио Милошовски – потпретседател на Собранието.

Секоја држава освен тоа што има класична дипломатија, влада, министерство за надворешни работи и други институции е многу добро кога има и културна дипломатија во своето функционирање, затоа што преку културната дипломатија како што е овој Балкански фестивал се создаваат уште поцврсти врски и на мнбогу подобар начин се претставуваат културното богатство и особеностите на една држава како што е Македонија, но и на сите држави коишто биле и ќе бидат дел од овој меѓународен фестивал на народни игри и песни, истакна Милошовски.

Антонио Милошовски – Потпретседател на Собранието

Од име на градот Охрид учесниците на Балканскиот фестивал на народни песни и игри ги поздрави Перчо Божиновски – претседател на Советот на Општина Охрид.

Во Охрид оваа вечер го славиме 63 издание на најстариот Меѓународен фолклорен фестивал – Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Овој настан е од огромно значење за одржувањето на фолклорните, обичајните, етнолошките, културните и над се пријателските врски со сите земји на Балканот чии што играорци ќе продефилираат овие денови низ охридската чаршија и низ древнината на нашиот град, рече Божиновски.

Перчо Божиновски – Претседател на Советот на Општина Охрид

Горан Симоноски, директор на Центарот за култура „Григор Прличев“, во чија организација се одржува фестивалот, го истакна значењето на манифестацијата на која учествувале ансамбли од сите светски меридијани.

За квалитетот на фестивалот зборуваат бројните настапи на фолклорните друштва од целиот свет кои продефилирале на сцените на Балканскиот фестивал изминатите години, посочи Симоноски.

Горан Симоноски – Директор на ЦК „Григор Прличев“ Охрид

Традиционално пред почетокот на фестивалот, учесниците на меѓународната фолклорна манифестација продефилираа низ охридската чаршија разубавувајќи го амбиентот во градот кој во народните денови ќе пулсира во ритамот на народните песни и игри.

Љубителите на фолклорот годинава ќе имаат можност да погледнат настапи на ансамбли и културно-уметнички друштва од државата, Бугарија и Австралија. Влезот на сите концерти е слободен, а настапите на учениците на 4 и 5 јули се со почеток во 20:30 часот на сцената Долни сарај или во Центарот за култура, во зависност од временските прилики.

Програма на 63. Балкански фестивал:

04. 07.2024 г. Севернашки ансамбл од Р. Бугарија
04. 07.2024 г. КУД Илинден – Битола (Музичко сценскиот проект „На Панигир“ – ора и песни од Јужномакедонска Етнографска целина)
04. 07.2024 г. ФА Љупчо Сантов од Оризари – Кочани (сплет на Ора од Осоговијата)
05. 07.2024 г. Севернашки ансамбл од Р. Бугарија
05. 07.2024 г. Фолклорно студио Блажески – Скопје
05. 07.2024 г. Фолклорен ансамбл Бисери – Охрид
05. 07.2024 г. КУД “Круг” од Сиднеј и КУД “Бенџо” од Мелбурн, Австралија

Охрид пулсира во ритамот на најстариот фолклорен фестивал во регионот

Најстарата фолклорна манифестација на Балканот, се одржува под покровителство на Собранието на РС Македонија, со поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид.

Во рамки на фестивалот синоќа во центарот за култура се одржа изложба насловена „Моменти“ од авторот Антонио Стојчески.

 

Г.М.
Фото: Бобан Стојаноски