Кон празникот Водици охриѓани имаат посебен култ. Утрово илјадници верници од државава, како и надвор од неа присуствуваа на големиот водосвет.
Чествувањата започнаа утрово во 7 часот со богослужби во охридските парохиски цркви. Литиите од трите цркви „Св. Никола- Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги“ од Горна Влашка Мала се сретнаа на плоштадот Св. Климент Охридски и се упатија на пристаништето.
Голем беше бројот и на верници кои денес влегоа во водите на Охридското Езеро да го фатат светиот крст, кој беше положен од страна на Дебарско – кичевскиот митрополит Тимотеј од кај Светилникот на пристаништето.
Најсреќен меѓу нив беше дваесет и девет годишниот охриѓанец Никола Јакимоски. Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Верниците според обичајот денеска полнеа вода од осветеното Охридско Езеро за здравје и масовно ги посетуваат православните храмови во градот.
Одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици и годинава се одржува во организација на Дебарско – кичевската епархија и локалната самоуправа, а со поддршка на јавните претпријатија, Црвен крст Охрид, нуркачките клубови, здравствените установи, ТППЕ Охрид, СВР Охрид.
По чинот на Богојавленскиот водосвет на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“во рамки на забавна програма голем број посетители уживаа во настапот на групата „Некст тајм“.
На чествувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици заедно со граѓаните беа и претставници од локалната самоуправа, како и претставници од политичките партии.
Прославата за Водици во Охрид, продолжуваат утре со манифестацијата „Денот на рибарите“ во чест на празникот Свети Јован Крстител.
Традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и истата ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини. Оваа година ќе биде послужена и храна која е карактеристична за трпезите на овој празник.
Илјадници верници присуствуваа на големиот водосвет во Охрид
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска/Б. Стојаноски