Околу 50-тина натпреварувачи од Европа од 14 држави се дел од Ohrid fly festival –  Европски куп  во параглајдинг кој од денес до недела се одржува во Охрид. На терените на на СРЦ “Билјанини извори“ параглајдеристите пред полните трибини со ученици од основните и средни училишта од Охрид го развиореа знамето на Охрид во чест на Денот на ослободувањето на градот.

Денес кога Охрид чествува за својата слобода  домаќини сме на еден голем и несекојдневен спортски настан Ohrid fly festival Европски куп во параглајдинг –Охрид 2024, рече пред присутните претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Ова случување го направи денов уште повеличествен ако се земе во предвид дека европската фела од областа на параглајдерството е токму во Охрид. Неколку десетици параглајдеристи од земјава и странство ќе прелетаат над охридското небо и ќе го направат денов, посебен, незаборавен. Во ремен или во кожурец како „мешун“ виси под крилото од ткаенината спортистот со исклучителен авантуристички дух. Лесни, слободно летачки, едрилици со пешачки авион без цврста примарна структура денес ќе ја красат небесната шир и ќе крадат многу воздишки од сите нас. Посакувам сите вие да се рекреирате и забавувате, но нека победи најдобриот оној кој „најмудро“ќе соработува со ветрот.

Посочи дека локалната во рамки на своите ингеренции и можности повторно ќе поддржи случување од ваков тип и ќе се покаже како добри домаќини.

Кристијан Темелковски од параглајдинг клубот „Флај Охрид“ истакна дека Параглајдинг Европскиот куп во прецизно слетување 2024 година во Охрид се организира по вторпат, откако во 2022 година беше прганизиран првиот и се надева дека ќе продолжи континуирано секоја наредна година се до организација на Светско првенство.

Најдобрите параглајдеристи од Европа се тука. Овој натпревар е многу важен бидејќи од Европскиот куп е финалниот натпревар, значи суперфинале од Европскиот куп и тука се доделуваат наградите од вкупно Европските купови кои се одржани во Романија, Хрватска, Србија и во Македонија. Имаме прекрасни временски услови кои Охрид 99% ни ги дава и дава успешно летање на сите. Безбедноста ни е пред се, натпреварот да заврши успешно за сите. Треба да се одржат осум рунди најдобриот ќе победи. Натпреварите се одржуваат секој ден од 9 до 16 часот. Стартуваат од местото викано „Поглед“ над Велестово и слетуваат на „Билјанини Извори“, потенцираше Темелковски, додавајќи дека споредбено со 2022 година одзивот на параглајдеристи е скоро ист.

На настанот присуствуваше и заменик министерот за финансии Марјан Ристески кои истакна дека преку организацијата на вакви спортски настани целта е развој на алтернативниот туризам и продолжување на сезоната во Охрид.

Целта наша е Охрид да го претвориме заедно со сите параглајдеристи и организатори кои учествуваат во центар на алтернативни спортови, посебно како центар на Балканот во параглајдинг натпревари и други алтернативни спортови. Со тоа се овозможува на некој начин и продолжување на туристичката сезона и тоа е целта не само на државата, туку и на локалната самоуправа да направиме сезоната да трае 4 сезони, а не само во летниот период.

Изрази благодарност до општината како покровител на настанот, до АРМ за поддршката, до сите спонзори и Сојузот на училишен спорт кои ги донесоа децата да учат за овој спорт.

Фото галерија:

Ohrid fly festival –  Европски куп  во параглајдинг

Н.С.Ј.

фото. А.Момироска