Репрезентативецот на Македонија, Благојче Трајкоски во пролетната полусезона продолжи онаму каде што застана во есенската. Со фантастични 17 интервенции го одведе охридскиот состав до победа (28-24) над битолски Пелистер во супер дербито во „Билјанини Извори“.
– Ова беше крајно емотивен натпревар за мене. Недела дена не тренирав со екипата поради приватни обврски, се вратив вчера и веднаш натпревар. Денеска имаше некоја сила што ми даваше мотив целиот натпревар и верував во себе, екипата и во победата која ја извојуваме на крајот. Резултатски не беше значаен за двете екипи овој меч, но секогаш е добро да се победи во дерби, а особено кога пред публика каква што е охридската. Одбраната го прави голманот, а голманот ја прави одбраната вака можам да ја опишам нашата игра на дуелот со Пелистер. Во првиот дел одбраната функционираше беспрекорно, а во вториот кога и требаше помош јас бев тука и многу ми е мило што секогаш се надополнуваме. – изјави Трајкоски.
Пред нецела недела Трајкоски и неговата сопруга Викторија станаа родители на момчето Стефан што сигурно беше мотив повеќе за охридскиот голман во натпреварот со Пелистер.
Победнички танц на „гладијаторите“ во супер дербито со Пелистер
OhridNews