Без победник 25-25 (14-12) по голема драма и неизвесност заврши „езерското“ дерби помеѓу Лихнид и Стружанка во претпоследната рунда од регуларната сезона во Кадетската лига.
Во последната минута од мечот, двете екипи имаа по една прилика за погодок, кој ќе им донесеше предност и победа веројатно, но не го реализираа и поделбата на бодовите беше крајниот исход.
Избраничките на Филип Јованоски и Билјана Богданова Смилевска водеа речиси во текот на целиот натпревар. На моменти предноста достигна и три погодоци 12-9 и 13-10. Гостинските ракометарки, пак, водство имаа на стартот од мечот 0-1 и 1-2 и на крајот 23-24 и 24-25.
Најпрецизна во составот на Лихнид беше Викторија Алексиоска со десет погодоци, шест реализираше Теодора Балоска, пет Тамара Маркоска, три пати прецизна беше Николина Угриноска, а еднаш Маја Кутаноски. Во екипата на Стружанка со 13 голови се истакна Ивана Затуроска.
Стружанка со ремито во Охрид го завери првото место и пласманот во плејофот, додека охриѓанки во финишот од сезоната го загубија здивот и останаа без пласман во завршницата оваа сезона.
OhridNews