Вештото фотографско око на улиците на Нови Сад, Србија, ја „улови“ оваа емотивна прошетка на локален жител со својот миленик кој е во длабока старост. Шеснаесетгодишното куче поради годините не можело повеќе само да оди, а сопственикот не сакал да го успие. Наместо тоа му набавил специјално помагало, кое потоа го адаптирал и сега можат одново да шетаат со својот миленик.
„Има 16 години… Не можев да го успијам. Тој се’ уште мавта со опашката и весел е, само му откажуваат нозете од старост. Затоа му набавив количка… Му беше голема бидејќи се типски, па од стара торба му сошив држачи за нозете, така што сега му одговара…. Што ќе правиш… Ми беше добар пријател сите овие години… Заслужува…. Сопственикот на кучето. Човек. – напишала на својот фејсбук профил авторката на фотографијата во описот на албумот „Приказна за љубовта“ кој го споделила на социјалната мрежа. Нејзината сторија ги допре срцата на милиони во регионот, а ја објавувија голем број медиуми.
Фото: МТомиќ
Инаку, 4-ти октомври е Светскиот ден на животните, а оваа седмица е во знакот на борбата за нивните права и воведување построги закони кои треба да ги штитат. Ова се денови кои се одбележуваат насекаде во светот, за да се привлече внимание на судбините на животните. По тој повод здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ повика на зголемување на свеста, но и на подобрување на законската регулатива за заштита на животните во земјава.
„Во светот има многу проблеми кои треба да се решат, а суровоста врз животните е еден од нив. Апелираме институциите секогаш да дејствуваат, а не да молчат, обезвреднуваат бројни пријави за измачување, труења, убивања, злоставувања на животните кои ги добиват на својата адреса. Апелираме на сериозна примена на Законот за заштита и благосостојба на животните како и казнените одредби од Кривичниот законик кои предвидуваат и казна затвор од година дена, за суровост и измачување.“ – велат од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.
Оттаму посочуваат дека доколку суровоста кон животните се игнорира, истата индиректно се одобрува и третира за прифатлива, што го отвара патот кон насилство врз животните што понатаму се рефлектира во сите сфери од општеството.
„Демократското општество својот напредок мора да го покажува и во односот кон животните и уважувањето на нивното право на живот, во склад со природата на нивниот вид. Развитокот на свест значи промена во сите области и во сите нивоа, значи напредок и хуманизација, почит кон општествените норми и права. Хуманизација на живеењето подразбира создавање на нови вредности и критериуми, каде насилството ке добие максимална осуда и ќе биде препознаено како закана за безбедноста, сигурноста не само на луѓето, туку и на животните.“-додаваат од „Анима Мунди“.
Од здружението упатија апел до граѓаните да им помагаат на животните, да станат вегани или вегетаријанци и без исклучок да вдомат наместо да купат миленик.
OhridNews