По повод Меѓународниот ден на лицата со аутизам, 2 Април, членовите на Лајанс клубот „Лихнидос“, вечерва пред стапувањето на сила на полицискиот час, го осветлија центарот на Охрид во сина боја, заштитен знак на оваа категорија граѓани.

И во вонредни околности, кога цел свет бие битка со коронавирусот Ковид 19, но и во услови на дебела снежна покривка која неочекувано го разубави нашиот град, сакавме барем симболично да дадеме поддршка и да изразиме почит кон “тивките мудреци”. – изјавија членовите на клубот Лихнидос.

Меѓународниот ден на аутизмот се одбележува во сите земји членки на Обединетите нации од 2008 година.

Аутизмот е многу сложено биолошко нарушување на мозокот, кое се манифестира со слаба социјална интеракција, комуникација и ограничени повторувачки начини на однесувања. Постојат благи и тешки форми на аутизам. Генетиката на ова нарушување е комплексна. Истражувањата покажуваат дека распространетоста е од еден до два случаи на аутизам на 1000 луѓе. Бројот на регистрирани деца со аутизам во светот изминатите три  до четири децении драматично е зголемен.

Во Охрид од неодамна функционираат два регионални центри за третман на лица со аутизам. Едниот е во Општата болница, а другиот во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“. Проектот се реализира со поддршка на Министерство на здравство, кое ги отстапи просторите за користење во рамки на Општата Болница во Охрид и болницата Св. Еразмо. Реконструкцијата и опремувањето на центрите е финансирано од страна на змбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Скопје.

Г.М.