Физичка видливост на бизнис-идеjата за рекламирање на компании преку кампања заснована на велосипеди беше целта на денешниот настан кој се реализира во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ Охрид под мотото „Вози велосипед, уживај и профитирај“, а по повод Светскиот ден на велосипедизмот.
На настанот учествуваа преку 60 велосипедисти, ученици од економското училиште и околу 27 компании од Охрид.
Горда сум што сум дел од денешниот настан кој ни овозможува теоретското знаење да го спроведеме во пракса, вели Теодора Спироска, ученик во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ Охрид.
Овој денешен настан не поттикнува да размислуваме за нови бизнис идеи кои би придонеле да заработуваме на економски начин, којшто би бил поиновативен начин. Овде денес има дружба и забава, се промовира бизнис идеја и здрави животин навики. Денешниот настан е со цел да се намали стресот, анксиозноста кај младите, а да се зголемат дружбата и активностите помеѓу нас. И јас како иден економист би сакала на заработувам на еколошки иновативен начин, потенцира Спироска.
Професорката Весна Карамитре, како дел од организаторите на настанот истакна дека од големо значење е поддршката од Општина Охрид, соработката со СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, поддршката од сите локални бизниси и сите организатори вклучени во реализација на оваа идеја.
Идејата на овој настан беше да се направи иновативен маркетинг со велосипеди каде учесниците ќе возат реклами од локални бизниси. Тоа што многу ни значеше е да направиме спој помеѓу бизнисот и здравиот начин на живот, здравите навики. Затоа и го смисливме ова како бизнис идеја дека едноставно може да се заработува и со возење велосипед и со грижење за своето здравје. Прва година го реализираме овој настан, но наидовме на голем интерес, истакна Карамитре.
Настанот го отвори директорот на училиштето Ристе Јанкоски кој рече дека огромно е задоволството да се биде прво средно вело училиште, потенцирајќи ја важноста на бизнис идеите и нивната реализација.
На овој начин ги поттикнуваме учениците да размислуваат за бизнис идеи насочени кон иновативен и економичен начин на заработка. Затоа во соработка со Здружението за едукација, култура и младински активизам „Граѓански Интегритет – Охрид“ ја поддржавме бизнис идејата која им овозможува на велосипедистите да заработат приход преку возење велосипед. Нашето економско училиште не само што поддржува бизнис идеи, ги поддржува и ученици за возење велосипед како остварлив и одржлив начин на транспорт и еконосмка активност, истакна Јанкоски.
Пред започнување на турата со велосипеди во урбаните области, велосипедистите кои беа придружени од претставници на СВР Охрид, имаа теоретска обука за безбедност на сообраќај од страна на претставник од СВР Охрид и практична обука за стекнување на велосипедски вештини од страна на Јован Јованоски, од велосипедскиот клуб „Еко дром“.
Настанот беше организиран од Здружението за едукација, култура и младински активизам „Граѓански Интегритет – Охрид“, а со поддршка на Општина Охрид, СВР Охрид и локалните бизниси.
„Вози велосипед, уживај и профитирај“
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски