Единаесет музичари од Охрид и Струга кои изминатите 7-8 месеци напорно работеа на проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd“, на речиси совршен начин ја донесоа музиката на култниот британски бенд, кој остави силна трага на светската сцена со екстравагантните песни исполнети со длабоки филозофски мисли и спектакуларните настапи во живо со неверојатни аудио-визуелни ефекти кои ги поместија границите на модерната музика.

Публиката, во која имаше од сите генерации, уживаше во извонредниот настап на „NUMB – Tribute to Pink Floyd“ – бендот кој ги изведе Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“, „Another brick in the wall“, „Wish you are here“ и уште 11 безвременски хитови. Настапот беше пропратен со аудио визуелни ефекти, кои се заштитен знак на легендарните „Pink Floyd“.

Иницијативата за проектот е на гитаристот од Охрид Анатоли Aрнаудоски, а на сцената заедно со него беа уште Ѓоко Танески – вокал, Димитри Алчев (гитара и вокал), Владимир Кречоски (бас гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Ангелко Јовчески (перкусии), Никола Јосифоски (сајзери), Горан Папаз (саксофон), Ана Костадиновска (пратечки вокал), Сара Николовска (пратечки вокал), Весна Илиќ Павловска (пратечки вокал).

Фото галерија:

OhridNews
фото: Анамарија Момироска