И овој викенд во Охрид минува во знакот на забавата. Охриѓани и гостите уживаат во големиот број настани и случувања, концерти и се разбира во Фестивалот Охридско лето.

Забавниот викенд во четвртокот попладнето го најави младиот Ансамбл „Билјана“, кој одржа уште еден незаборавен езерски концерт, овој пат насловен како „Ој љубов, љубов“. Ансамблот на кајче тргна од Канео и со песна се упати накај старото пристаниште каде забавата доживеа кулминација. Попатно присутните на плажите и шеталиштата ги потпевнуваа познатите рефрени од староградските песни и најубавите македонски народни песни. Настанот „Билјана“ го организираше во соработка со Културолошката Иницијатива 5 до 12.

Вчера вечер, пак, на Античкиот театар прекрасен концерт одржа легендарниот Жељко Бебек. Тој заедно со публиката, која беше во ограничен број поради протоколите за заштита од Ковид 19, ги испеа најпознатите рефрени од бројните хитови на „Бијело дугме“, како и хитовите од неговата богата соло кариера.

Настаните од овој викенд се најава за претстојниот, кој ќе биде во знакот на атлетската манифестација „Охрид ТрчаТ“.

OhridNews
Фото: Емил Јовановиќ