Со свечена приредба која се одржа попладнево во спортската сала „Билјанини извори“, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ го одбележа патрониот празник.

Во рамки на манифестацијата беа изведени бројни музички и танцувачки точки подготвени од најмладите, под менторство на воспитувачите од градинката.

Децата, се најдрагоцениот дар во овој свет на различности само нивната смеа, радост, слободното изразување, неизмерната љубов се исти, исти како и нивните права. Тие, се она што ние возрасните посакуваме да бидеме. Во име на сите вработени во детската градинка, Ви го честитаме 7-ми Ноември, патрониот празник на ЈОУДГ “Јасна Ристеска” и за многу години да го славиме Денот на ослободувањето на вечниот град Охрид, рече во обраќањето пред присутните директорката Ирина Милеска.

Детските насмевки се како сончеви зраци кои ни ги затоплуваат срцата, а детската радост ни ја исполнува душата со неописливи чувства, рече заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска.

Децата се она што ги прави овие 80 години на Охрид историски значајни и вечни, тие се иднината на нашиот град, нашето највредно богатство и му даваат смисла на животот. Децата се нашите најголеми учители, затоа што со својата невиност, ни покажуваат што значи вистинската љубов – онаа која расте кај секој од нас и се множи кога ја споделуваме со другите, истакна Крстеска.

Изрази благодарноста до целокупниот кадар на градинката „Јасна Ристеска“ посочувајќи на несебична работа, посветеност и љубов, кои ги вложуваат вработените во секое дете, што ја прави оваа установа вистинско царство на игри, воспитание и едукација.

Вашиот труд не може да биде измерен, но неговиот резултат се гледа во секое наше дете. Токму затоа, Општина Охрид постојано вложува во подобрување на условите за згрижување и образование, а така ќе биде и во иднина, додаде Крстеска.

Патрониот празник градинката го празнува на Денот на ослободувањето на Охрид, 7-ми Ноември, а истата го носи името на Јасна Ристеска, партизанка која го положила својот млад живот пред олтарот на слободата на градот.

Детската градинка во Охрид е формирана во 1963 година. Во 1971 година изграден е првиот наменски објект на сегашната установа „Јасна Ристеска“, додека останатите објекти „Развигорче“ почнал со работа во 1976 година, „Билјана“ во 1980 година, „Росица“ во 1982 година и „Лихнида“ во 1988 година.

Фото галерија:

Н.С.Ј.

Фото. А.Момироска