Главен мотив за формирање на здружението беше одлуката на градоначалникот и општината за скратување на работното време, после притисокот од жителите на М.З. „Стар град“. Охридските угостители бараат градоначалникот да го искористи правото да го продолжи работното време на објектите за еден час.
Здружување за подобра работа?! Охридските угостители
Главниот иницијатор за формирањето здружение, Митко Пендов кој од денес e претседател на Здружението вели дека „формирањето на ова тело ќе биде од голема корист затоа што отсега угостителите ќе бидат прашувани за многу работи врзани за нивната дејност и ќе постанат значаен фактор, што досега не беше случај !“
Трисетината присутни сопственици на угостителски бизниси со гласање избраа и потпретседатели (Благоја Петрески и Ерол Сулејманов) како и секретар на здружението Љупчо Здравевски кој вели:
„Доволно за нас е градоначалникот да го додаде оној еден час кон работното време. Ако добиеме, ќе биде сосема доволно. Што се однесува до проблемите со бучавата во некои од објектите во доцните часови, тоа треба да се регулира така што дискотеките би биле надвор од урбаното движење, надвор од градот.“
„Владата има нов предлог – закон за туризам, се очекува секој момент да излезе во Службен весник, ние ја пратиме таа проблематика, закон со кој се предвидува еден час плус работно време на објектите“ додава Здравевски.
Општа оценка за иницијативниот состанок е дека „добро е што конечно ќе се организираат угостителите, би требало да се собираме повеќе пати месечно, не само кога имаме проблеми со власта туку и да создаваме сопствен кодекс на однесување, некој вид авто – контрола на нашето работење“ велат охридските угостители.
Г. Момироски