„Билјанини извори“ е називот на новото јавно претпријатие за изградба, одржување и користење на спортски објекти и јавни паркинг простори. По едно одложување на расправата поради технички формалности, одлуката за формирање на ново општинско јавно претпријатие денеска ја доби потребната подршка од Советот.
Ова е почеток на процедурата по што следи формирање на тимот и органите кои ќе работат во новото јавно претпријатие, ни изјави Боро Павлоски, директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ кое досега стопанисуваше со спортските објекти и јавните паркиралишта.
Павловски информираше дека претстои доекипирање на јавното претпријатие со стручни кадри со што, како што истакна, спортот во Охрид ќе добие многу.
Новото јавно претпријатие наскоро ќе биде регистрирано, а по завршувањето на сите формалности тоа и официлајно ќе започне со работа. Во Македонија веќе постои едно вакво јавно претпријатие на општинско ниво во Велес и искуствата се позитивни, вели Павлоски. Нема причина тоа да не биде случај и со охридското јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти, особено поради идеалните услови и одличните сместувачки капацитети, додава Павлоски.
Со спортските објекти во иднина ќе стопанисува ново јавно претпријатие
На 50-та седница Советот го одложи донесувањето на Деталните урбанистички планови за пазариштето и зградата Печијаре, но затоа експресно ги донесе ДУП-ви за делови од Рача, комплексот Горица и за просторот на некогашната детска болница. Поопширна расправа се разви околу извештајот за работа на општинската инспекција на која советниците и замерија за недоволно ангажирање во справувањето со дивоградбите како и за неспроведување на одлуката за унифицирање на таблите на такси возилата. Во одбрана на инспекторатот застана градоначалникот Петрески кој објасни дека не се постапува ригорозно по решенијата за уривање на дивоградбите заради тоа што се чека усвојувањето на Законот за легализација на дивоградби кој треба да биде готов до април годинава. Во врска со унифицирањето на таблите на такси возилата за што поделба има и меѓу самите таксисти, Петрески истакна дека проблемот се решава флексибилно со разговори. Претседателот на Советот, Владо Чингоски го потсети градоначалникот дека Советотот одамна има донесено одлуки со кои се регулираат овие две области и истите општинската администрација неодложно треба да ги спроведе.
Советот имаше маратонска седница
Советот денеска експресно ги усвои извештаите за работа на Советот на општина Охрид, Програмата за работа за 2008 год. на МЈП „ Проаква“ за РЕ „Водовод“- Охрид и РЕ „ Колектор“, Предлог одлуката за усвојување на Годишниот извештај на одделението за комунален развој и сообраќај за реализација на Програма за инвестиции и одржување, Предлог одлуктаа за усвојување на Извештајот за реализација на Програмата за изработка на урбанистички планови на општина Охрид , Извештајот за работата на одделението за даноци и комунални такси за период од 01.01-31.12.2007 год., Предлог одлуката за усвојување на Програмата за одбележување на празници и манифестации за 2008 год. Предлог одлуката за усвојување иницијатива за развивање на Локален еколошки акционен план на општина Охрид и други.
ohridnews