ГФК Охрид Лихнидос после долги години, годинава, за прв пат формираше екипи во сите 4 младински категории и притоа учествуваше во второто по ранг натпреварување во младински категории.

Целта на клубот беше креирање на услови за младите од нашиот град да можат да го продолжат своето фудбалско усовршување како и своевиден влог во иднината на нашиот клуб. Одзивот од страна на децата беше одличен и во овој момент младинските категории на Охрид бројат повеќе од 100 регистрирани фудбалери. Ангажирани се и тренери за секоја категорија со цел посветување на поголемо внимание при правилниот развој на младите фудбалери, а се со цел креирање на оформени фудбалери кои понатака ќе го носат дресот на првиот тим на ФК Охрид, велат од ГФК Охрид Лихнидос.

Тренерите по категории се Љупчо Танески за младинци, Ацо Велјаноски ќе ги тренира кадетите, Марјан Настоски ќе биде тренер на пионерите и Наум Јанкулоски помладите пионери.

Нашите надежи многу успешно го поминаа првиот дел од годинашната сезона притоа остварувајќи завидни резултати во сите 4 категории со што во вкупен пласман го зазедоја првото место, додаваат од клубот.

Целта, како што велат од клубот, е продолжување на успешните настапи и во вториот дел од сезоната и пласман во највисокиот ранг на натпреварување во младински категории – Супер лига.

 

OhridNews