Емил Димитровски е избран за претадател на  новоформираната Стопанска Комора за туризам на Македонија. Димитровски доби мнозинство гласови од присутните делегати на Првото Собрание на комората што синоќа се одржа во Струга. На собранието  беа избрани и раководните тела и органи на еснафското здружение на туристичката комора.

„Формирањето на Стопанската комора за туризам претставува обединување на сите чинители на туристичката дејност, кое треба да придонесе за дефинирање на јасна стратегија за развој на туризмот во Македонија“, истакна, Димитровски.

Приоритет на Стопанската комора за туризам ќе биде донесување на Закон за субвенционирање за носење странски туристи во Македонија, обука и јакнење на човечките ресурси, и подигнување на јавната свест за туристичките потенцијали на земјата. Меѓу приоритетите на комората се и промоција на Македонија на туристичкиот пазар, развојот на руралниот туризам и изградба и подобрување на слабата инфраструктура. Во тоа, рече Димитровски, треба да помогне и новоотворената Агенција за развој на туризмот. Тој изрази очекување дека со помош од европските фондови Македонија наредната година ќе успее да привлече евтини авиокомпании со што ќе се зголеми и бројот на странските туристи. Во рамки на комората ќе биде формиран и Суд на честа во кој ќе членува претставник од Здружението на потрошувачите, кој што ќе треба да ги санкциионира неправилностите во работата на туристичките чинители.


Формирањето на Стопанската Комора за туризам ја поздравија претставниците на туристичките агенции кои очекуваат Комората сериозно да се фати во костец со наталожените проблеми во туризмот, пред се со нелојалната конкуренција.


Во моментов во Комората членуваат 120 туристички субјекти, а раководството очекува за шест месеци да се обедини целиот туристички еснаф, за што наскоро ќе бидат отворени повеќе регионални канцеларии на комората.

Г.М.