Подобрување на туристичката разгледница на Охрид, афирмирање на културно историските вредности на градот и создавање на привлечно  катче на кое туристите ќе можат да се рекреираат и фотографираат, треба да бидат главните цели на идејното решение за изведба на Мозаичната декорација на фонтаната која е изградена на плоштадот кај „Мини маркет“.

Според Јавниот конкурс за избор на идејно решение, што пред извесно време го има објавено општина Охрид, мозаикот треба да биде со современ ликовен и уметнички израз и во себе да вклучува знаци или симболи од историски  и  религиозен контекст со автентично пресликување на мотиви од Охридската историја и традиција низ вековите.

-Мозаикот треба да се состои од 4 портрети-секој од портретите да симболизира одреден настан, сите 4 портрети заедно да симболизираат исти период, еден историски момент или континуиран историски период. Димензиите на еден портрет согласно постоечките услови во кои се наоѓа фонтаната треба да изнесуваат 608 х 80 сантиметри. Идејното решение треба да биде оригинално, функционално, естетско, креативно и со уникатен дизајн. Мозаикот треба да биде рачно изработен од  ситни  парчиња природен материјал како што се гранит, мермер, варовник, парчиња од стакло во боја и слично, пишува меѓудругото во објавениот конкурс за идејно решение.

Право на учество на конкурсот имаат домашни и странски правни и физички лица, а секој од учесниците има право да учествува со по еден труд. Првата награда за најдобро идејно решение е во висина од 60.000 денари, втората награда е во висина од 15.000 денари, а третата награда е во висина од 100.000 денари. Овие награди истовремено ќе претставуваат и откуп на авторските права и обештетување на авторите во целост.

Идејните решение ќе може да се достават најдоцна до 14-ти јули 2015 година до 13 часот, а отворањето на пристигнатите идејни решенија нема  да биде јавно и ќе се изврши на датум и час определени од страна на формираната комисија од страна на Градоначалникот по истекување на  крајниот рок за поднесување  на  идејните решенија.

Со изготвувачот на идејното решение кое ќе биде оценето како најдобро рангирано, договорниот орган, согласно Законот за јавни набавки ќе отпочне постапка за доделување  на договор за јавна набавка со постапка со преговарање без претходно објавување на оглас за развивање на идејното решение како дело со уметничка вредност.

OhridNews