Властите во Грузија се надеваат дека ќе привлечат туристи со изградба на фонтана во Батум од која еднаш неделно наместо вода ќе тече алкохол. Фонтаната се гради на врвот на новата кула во Батум, туристичкиот центар на Црното Море, а од неа ќе тече грузиска лозова ракија, која е слична на италијанската грапа, соопштил градоначалникот Роберт Чкаидѕе на грузиската телевизија.

Тој рекол дека еднаш неделно, од 10 до 15 минути, ракијата ќе тече од фонтаната наместо вода. Така туристите ќе имаат можност да го пробаат традиционалниот грузиски пијалок. Туризмот е важен извор на приходи во оваа сиромашна поранешна советска република, каде лозарството претставува важна индустриска гранка. Новата кула во Батум, во маорски стил и со висина од 25 метри, би требало да биде завршена до крајот на летото. Во кулата ќе има канцеларии и туристички информативен центар, соопштиле грузиските медиуми.