На гала вечера што викендов  ја приреди организацијата „Македонија 2025“ во Колумбус, Охајо, САД, на која присуствуваа над 400 гости меѓу кои и владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски и 43-тиот претседател на САД, Џорџ Буш, формиран е Фондот за образование и поддршка на млади таленти за кој нашинците од САД донираа 1 милион американски долари.

Фондот за образование и поддршка на млади таленти на Македонија 2025 ќе служи за финансирање на студенти од Република Македонија кои со помош на Македонија 2025 ќе продолжат да студираат на универзитети во САД и Канада.

-Имавме добар настан, собравме еден милион долари, имавме посетеност од над 450 лица. Сите средства што ги собравме ќе одат за образование, ова ќе ни овозможи најдобрите и најпаметните млади луѓе од Македонија да одат на најдобрите универзитети во САД и Канада. Беше голема чест да ги имаме претседателот Буш и премиерот Груевски на овој настан, изјави Вера Ставроф, потпретседател на Македонија 2025.

Главното достигнување на овој Фонд е да финансира стипендии и програми за младите Македонци да може да реализираат повисоки образовани цели, да се подготват добро и да се вратат во Македонија и да бидат успешни, да создаваат силна и напредна држава, изјави Џон Битов Јуниор, член на Бордот на Македонија 2025.

На гала вечерата се обратија премиерот Груевски, како и членовите на управата на Македонија 2025, Мајк Зафировски, Вера Ставроф, Џон Битов Јуниор и Роберт Арсов.

OhridNews