Две успешни приказни, спортска и хумана, се спојуваат во поддршката на младите и вистинските животни вредности. Ракометниот камп на Кирил Лазаров доби поддршка од Фондацијата „Климент Колески“ од Охрид, која ќе го помогне второто издание на спортската школа што ова лето ќе се одржи во Охрид.

Имаме ист мотив, а тоа се младите, изјави Христијан Колески од фондацијата „Климент Колески“ на прес конференцијата на која беше најавено второто издание на ракометниот камп „ Кире Лазаров 7“ во Охрид.

-Мотивите ни се исти, да им се помогне на младите спортисти. Оваа фондација во рамки на своите можности ќе продолжи да поддржува вакви проекти, а се со цел да ја подигне свеста кај останатите луѓе да инвестираат во иднината на нашите дечиња. – изјави Христијан Колески од фондацијата „Климент Колески“.

Капитенот на македонската ракометна репрезентација и еден од најдобрите светски ракометари, Кире Лазаров, изрази благодарност до сите помагатели на кампот.

-Минатата година направивме нешто ново во Македонија, постојат многу кампови, но сметам дека ние направивме екстра квалитетна организација. Оваа година покрај тоа што кампот е интернационален ќе се фокусираме на децата од Македонија, затоа имаме лимит 70 отсто од учесниците да бидат деца од нашата земја, со кои ќе работат тренери од светска класа. – рече Лазаров.

Второто издание на ракометниот камп „Кире Лазаров 7“, ќе се одржи во две смени, од 17. до 23. јуни и од 24. до 30. јуни, а ќе учествуваат околу 300 дечиња.

OhridNews