Вистина е дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и ве сакаме покрај нас. Европската комисија, и јас самата, стоиме на тоа дека вие постигнавте извонреден напредок и сакам да бидам јасна дека сега ЕУ треба да испорача, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев попладнево во Скопје.
Фон дер Лајен изрази целосна поддршка за формалното отворање пристапни преговори со земјава што е можно побрзо.
Целосно го поддржувам формалното отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија што е можно поскоро, колку што може побрзо. Не губете верба, изодевте толкав пат, достигнавте голем напредок. Имате поддршка од многу пријатели во ЕУ и ајде работиме вредно кон одржувањето на таа прва конференција, тоа ќе биде нашата заедничка цел, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК ги поздрави реформите што државава ги спроведува, особено, како што рече, во областа на владеење на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал, посочувајќи оти е важно да се продолжи со тој напредок, изразувајќи уверување оти тоа ќе биде наградено.
Таа истакна дека ЕУ и Северна Македонија и сега ги здружуваат силите, особено во борбата против Ковид-19, додавајќи оти таа битка не е завршена и повикувајќи на вакцинација на населението како единствен излез од пандемијата. Фон дер Лајен и честиташе на Северна Македонија што беше првата земја во регионот што се приклучи на ковид сертификатот на ЕУ, додавајќи оти тоа е многу важно и за јакнење на туризмот.
Премиерот Заев на прес-конференцијата истакна дека на средбата со Фин дер Лајен изразил надеж дека лидерите на земјите-членки на ЕУ ќе ја реафирмираат декларацијата од Брдо, за цврстата заложба за присоединување на регионот кон Унијата.
Заев подвлече дека блокадата на овој процес не е во духот на оваа определба и оти секое продолжување на блокадата ги храби ретроградните сили кои се против присоединувањето кон ЕУ.
Европските вредности на ЕУ се и вредности и на земјите кандидати од Западен Балкан, и директно доведени во прашање заради оваа блокада. Ние ги направивме сите неопходни чекори и очекуваме Бугарија да го откочи процесот и да ја одобри преговарачката рамка, рече Заев.
Заев потсети дека земјава и досега покажа подготвеност и конструктивен придонес, но посочи дека идентитеските прашања не можат да бидат предмет на преговори.
Скопје е втора станица на Фон дер Лајен на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, чија цел е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот. Претходно денеска таа беше во Тирана, а до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан. Посетата на регионот на шефицата на ЕК се случува една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“, туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.
Еден ден по посетата на Фон дер Лајен, утре во Скопје ќе допатува и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ.
OhridNews