„Отекс Фолк“ од Охрид ќе го претставува македонскиот фолклор на реномираниот фестивал „Folk Azores“, кој ќе се одржи на островот Терцеира, дел од Азорските Острови, од 11-ти до 18-ти август. Азорските Острови, кои се автономен регион на Португалија, се наоѓаат на приближно 4,300 километри од Охрид, што го прави патувањето и учеството на ансамблот посебно значајно, велат од ансамблот.
Овој меѓународен фестивал, кој е под покровителство на ЦИОФ (Меѓународен совет на организатори на фолклорни фестивали и традиционални уметности), ќе собере 13 ансамбли од различни делови на светот, вклучувајќи ги Аргентина, Бугарија, Чиле, Словачка, Шпанија, Франција, Црна Гора, Полска, Романија, Португалија и Перу. Оваа година, за прв пат во своето 38-годишно постоење, фестивалот ќе го вклучи и учеството на група од Македонија.
„Folk Azores“ е престижен и значаен настан кој го промовира културното наследство и традициите на земјите учеснички. Учеството на „Отекс Фолк“ е голем успех за македонскиот фолклор, овозможувајќи го претставувањето и ширењето на македонската култура и традиција меѓу останатите култури. Ансамблот ќе има уникатна можност да го презентира богатото фолклорно наследство на Македонија, да се поврзе со други култури и да придонесе за јакнење на меѓународните културни врски.
OhridNews