Програмата за флуоризација на млекото која според Владата треба да помогне да се намали присуството на кариес меѓу детската популација,  ќе почне да се применува од 15 октомври во јавните предучилишни установи за деца од 3 до 5 години.

Според најавите на Владата флуоризираното млеко е бесплатно и незадолжително, односно децата ќе може да го конзумираат само со претходна согласност од родителите. Според официјалните податоци 80 отсто од 5-годишните деца имаат кариозни заби, а 12-годишните деца имаат по седум кариозни заби, повеќе од двојно од европскиот просек од три кариозни заби.

И покрај владините аргументи родителите не се убедени дека флуорот е добар за нивните деца.  Од Министерството за здравство уверуваат дека место за страв нема бидејќи не постои можност од предозирање со флуор. Извршените анализи на водата за пиење покажаа многу мало присуство на флуор, а занемарливо е количеството што се внесува преку храната која ја конзумираме, информираат од Министерството за здравство.

Според надлежните опасната дневна доза на флуор за организмот изнесува 1,5 милиграми, а препорачаната количина што треба да ја внесуваат децата во Македонија според Координативно тело за превенција на орални заболувања е 0,5 милиграми.

Ohridnews