ФК Воска Спорт објави дека се повлекува од македонската Прва лига, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги санкционираше за недозволено напуштање на теренот на натпреварот против Вардар во последното коло.

ФК Воска Спорт АД се казнува со одземање на 9 (девет) бодови од вкупниот број на освоени бодови во тековната натпреварувачка сезона од Прва МФЛ и парична казна од 2.500,00 евра поради напуштање на натпреварот со ФК Вардар АД во рамки на 28. коло од Прва МФЛ. ФК Воска Спорт АД се казнува со парична казна во износ од 5.000,00 евра поради слаба организација на натпреварот со ФК Вардар АД од 28. коло во Прва МФЛ, велат од ФФМ.

Претседателот на ФК Воска Спорт АД, Нефи Усеини, додаваат од ФФМ, се казнува со забрана на вршење на функција во траење од 2 (две) години и парична казна во износ од 1.500,00 евра. Дисциплинската мерка, велат, е изречена поради наговарање, односно повикување за повлекување на екипата на ФК Воска Спорт АД на натпреварот против ФК Вардар АД од 28. коло во Прва МФЛ. Казни се изречени и за тренерот на клубот Арбри Клодиан со 2 (две) години забрана за вршење функција, додека капитенот Агон Хани доби казна – забрана за настап 1 (еден) месец.

Од клубот денес со официјално соопштение во кое се посочува дека се повлекува од настапите во Првата македонска фудбалска лига.

Фудбалскиот клуб Воска Спорт одлучи да се повлече од Првата лига. Одлука која доаѓа по неочекувана и неприфатлива одлука на Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија, која не осуди со одземање 9 бода, во жежок момент во трката за опстанок, а останаа уште 5 натпревари. Најновата одлука на ФФМ е кулминација на серија пристрасни одлуки мотивирани од други интереси, каде единствена цел е нашиот неуспех и повлекување од Првата лига. По тој повод, и ги подаруваме на Федерацијата останатите 15 бода. Ова веќе не е фер трка. Не само што сме се бореле со противниците на теренот, туку и со судиите, кои без никаква логика носеа одлуки во секој натпревар, туку и против сите фактори кои го наметнаа нашето заминување од фудбалската сцена, се вели во соопштението.

Од почетокот на пролетта, среде сезона, се додава во соопштението, свесни бевме дека постои јасна стратегија да не ослабне и да не се извлечеме од ова првенство.

Имаме двојни стандарди, каде за истиот прекршок, другите полесно се казнуваат, но за нас секогаш се одбирани најтешките мерки. Фудбалската федерација на Македонија дејствуваше како институција која направи сè за да ги фаворизира клубовите кои се поврзани со нивните тесни интереси. Оваа најнова одлука е само уште еден доказ дека во Првата лига организирана од ФФМ нема правда. Ова раководство на ФФМ не дозволува рамноправна трка за сите учесници во македонското првенство, и покрај кампањата што ја прават за „фер-плеј“. Направија се за да не отстранат од ова првенство, каде единствената причина е, се чини, тоа што сме албански клуб. Ако ова е фудбалот што го сакаат, тогаш ние не сме подготвени да бидеме дел од него, се потенцира во соопштението.

OhridNews