Распределувањето на спортските ваучери од Агенцијата за млади и спорт (АМС) за 2021 година дефинитивно не е во прилог на охридските екипи. Ракометниот клуб Охрид не се најде во топ пет екипите во распределувањето кај ракометарите, а слична е ситуацијата и со Фудбалскиот клуб Охрид, кој не е помеѓу „водечките“ екипи во распределбата на ваучаерите во второлигашката конкуренција.

Охридскиот фудбалски клуб има ваучер во висина од 950 000 денари, што речиси е долна граница за екипите од Втората МФЛ. „Рибарите“, организациски се на високо ниво, платите на сите во клубот се исплатени, а повратниот одговор од АМС не е каков што се очекуваше. Исто така, резултатите во есенската полусезона се во прилог на клубот но очигледно некои други критериуми се земаат во предвид при распределбата.

Најголем ваучер од второлигашите има штипска Брегалница во висина од 2 700 000 денари, лидерот во западната конференција Скопје има ваучер од 2 600 000 денари, а Тиквеш и Кожув по 2 400 000 денари.

Охриѓани есенската полусезона во Втората МФЛ ја завршија со позитивен скор, на четвртата позиција на табелата и со отворена битка за втората позиција која води во баражот за влез во Првата МФЛ.

OhridNews