Со измените и дополнувањата на Законот за трговија кои се во тек, ќе му се даде законска основа на Владата да го ограничи бројот на половни возила кои физичките лица за една година ќе можат да ги увезат во Македонија, објави „Вест“. Неофицијално, Владата размислува да дозволи увоз најмногу на две возила во текот на една година, но за тоа ќе одлучува откако ќе се промени Законот.
Сега физичките лица можат да увезат неограничен број употребувани моторни возила во земјава, па тоа се злоупотребува за бркање нелегален бизнис, односно многу често кажуваат дека возилата ги носат за нивна употреба, а, всушност, ги препродаваат.
Од Министерството за економија, кое работи на промена на законската регулатива, објаснуваат дека со измените на Законот треба да се спречи нелојалната конкуренција меѓу физичките лица и овластените дилери кои се регистрирани во Централниот регистар на Македонија. Досегашната пракса покажала дека трговијата со употребувани моторни возила, освен што ја прават регистрираните дилери, многу често ја прават и поединци кои често патуваат надвор од земјава и увезуваат употребувани моторни возила, божем за свои потреби.
“Со измените на Законот, физичките лица и понатаму ќе можат да увезуваат половни возила за свои потреби, но ќе се даде законска основа за донесување одлука на Владата за ограничување на бројот на употребувани моторни возила, со што треба да се спречи тргувањето со нив. Со Предлог-законот се пропишуваат и посебни услови за вршење трговијата со возила преку автоплацови, како и преку посебна категорија на продажни објекти”, ни рекоа вчера од Министерството за економија.
Во моментов во Македонија, според постојните прописи, дозволен е увоз на возила со Еуро 3 стандард со старост од најмногу 15 години. Од наредната година ќе биде дозволен увоз само на стари возила кои го исполнуваат стандардот Еуро 4.
OhridNews
Извор:„Вест“