Унифицирана национална платформа за онлајн-настава со двонасочна комуникација во сите училишта во Македонија подготвува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), објави порталот „Факултети“. Целта е таа да биде готова до 15 септември и да може во исто време да опслужи 200-300 илјади корисници, вели во изјава за медиумот вон. проф. д-р Боро Јакимовски, продекан за наука и соработка на ФИНКИ.

Наставата ќе може да се следи и со мобилен телефон. Но, за да може ученикот да напише домашна работа, полесно да чита, да решава тестови, потребен е компјутер. Нема да биде неопходен нов компјутер со јаки карактеристики, вели проф. Јакимовски.

Јакимовски објаснува дека на платформата наставниците лесно ќе можат да објавуваат наставни материјали, да прикачуваат содржини, надворешни ресурси, како и да поставуваат домашни задачи, наставни листови и сл. Платформата ќе биде интегриран систем во чии рамки наставникот ќе може да спроведува и онлајн-час на многу едноставен начин.

OhridNews
Извор: „fakulteti.mk.“