Македонската фудбалска репрезентација одигра уште еден добар натпревар на арената „Филип Втори“, но повторно загуби. Овојпат на победата среќно и се радуваше репрезентацијата на Италија која вечерва во натпреварот од третото коло од квалификациите за пласман на СП во Русија во 2018, славеше со 3:2.
Пандев во втората минута излезе сам пред Буфон малку откосо, но искусниот голман на азурите одлично затвори. Во 17 минута и среќата беше на негова страна откако Нестороски од дваесеттина метри испрати проектил кој заврши во пречката. Италијаните ја казнија нашата неефикасност во 23 минута. По корнер лошо поставената одбрана му дозволи на Белоти да го отвори резултатот.
Во второто полувреме селекторот Ангеловски во игра го внесе Ибраими со кого Македонија заигра поофанзивно. Се играше 57та минута кога Нестороски украде една топка од гостинската одбрана и го совлада Буфон за 1:1. Италијаните се уште не опоравени од шокот мораа по втор пат да ја вадат топката од својата мрежа. Нестороски и Пандев во 59та минута повлекоа контра, проигран беше Хасани кој неодбранливо од работ на шеснаесетникот и донесе водство на Македонија 2:1.
По водството Македонија продолжи да доминира и создаде уште две големи шанси, особено таа на Мојсов кој по центаршут од прекин биеше од 5-6 метри но извонредниот буфон ја спаси Италија.
Од тактички причини на дваесет минути до крајот селекторот Ангелоски го повлече од игра центарфорот Нестороски кој се пожали на повреда. Италија фрли се на една карта, на нападот, и тоа и се исплатеше. Чиро Имобиле по една мешаница во шеснаесетникот го израмни резултатот во 75 минута, а истиот играч во 92 минута му донесе среќна победа на четирикратниот светски шампион.
По три одиграни кола во квалификациите за СП, Македонија има три порази, а во следното коло и гостува на Шпанија.
OhridNews