На 8 септември Охрид ќе биде домаќин на 33 по ред Охридски атлетски маратон. Меѓународниот атлетски маратон ќе се одржи на 30 километарската патека каде за прв пат, од годинава, ќе се реализира и штафетна трка во 3 делници од по 10 километри. Првата делница завршува во селото Трпејца, втората кај населбата Лагадин и третата делница завршува на целта кај НАционалната установа Дом на култура „Григор Прличев“ во Охрид. Пријавувањето за годинешниот Охридски атлетски маратон е започнато и ќе трае до 05 септември 2019 година а подигнувањето на стартните пакети за сите пријавени ќе се одржи на 07 септември во Спортската сала „Билјанини Извори“ од 12:00 до 20:00 часот.

Организациониот одбор на Охридскиот атлетски маратон, информира дека сите податоци околу котизација, стартните пакети и наградниот фонд може да се проследат на www.smartrace.club. Котизацијата за сите учесници на маратонската трка изнесува 900,00 денари и 2.250, 00 денари за штафетната трка. За членовите на Интернационалната полициска асоцијација цените се 600,00 денари за маратонската трка со 1800,00 денари за штафетната трка.

Охридскиот атлетски маратон со меѓународен карактер, е еден од најстарите атлетски манифестации на нашите и пошироките простори. Маратонот, во континуитет се одржуваше од 1976 година до 1993 година. Оваа спортска манифестација започна од општински и прерасна во сојузен и меѓународен Атлетски маратон со постојан пораст на бројот на учесници кој се зголемуваше од 4 во 1976 година до рекордни 150 учесници во 2017 година. Иницијативата за организирање на Охридскиот атлетски маратон, во 1976 година дојде од Живко Стојчевски, кој со помош од тогашната спортска асоцијација „Софка“ ја организирал атлетската трка со само 4 учесници од Охрид. Стојчески бил дел од маратонците и бил победник а до денес е најтрофејниот учесник на овој маратон. Охридскиот атлетски маратон, непречено се одржуваше до 1993 година и беше организиран на 7-ми Ноември како спортски настан по повод ослободувањето на Охрид. После 10 годишна пауза, а по иницијатива на покојниот проф. Влатко Димитров и другите членови од сегашниот организационен одбор, во 2004-та година обновен е Охридскиот атлетски маратон со што се продолжи традицијата на оваа голема атлетска трка. Повеќе податоци за историјата на овој маратон може да проследите на www.iamo.mk каде може да ја видите листата на победници по години како и галерија на слики од минатите настани.

OhridNews