Финализирана е конзервацијата и реставрацијата на куполата и на кровните покривачи од црквата „Св. Богородица Захумска- Заум “ која датира од 1361 година, информираат од НУ Завод и Музеј Охрид.
Со конзервацијата на покривната конструкција и со замената на транзените се обезбедуваат основните предуслови за заштита од атмосферските влијанија и појава на влага во самата црква која делува деструктивно на архитектурата и на ѕидното сликарство, велат од НУ Завод и Музеј Охрид.
Од установата додаваат дека во тек се подготвителните работи за отпочнување на активностите за статичко зајакнување на црквата, со што ќе се обезбеди целосна заштита на овој средновековен архитектонски бисер.
Проектот е финансиран од Министерство за култура, а се изведува под раководство на Ристо Петковски, советник конзерватор од НУ Завод и Музеј Штип и под стручен надзор на Тања Паскали, советник конзерватор од НУ Завод и Музеј Охрид.
OhridNews