Актуелниот бранител а трофејот Манчестер јунајтед влегува во мечот со рекордната серија од 25 меча без пораз и има шанса да стане прв тим во модерната ера на шампионската лига, кој го одбранил пехарот. Досега, од формирањето на Лигата на шампионите како наследничка на КЕШ, ниту еден гигант не успеал да стигне до вакво нешто. Победа за Манчестер ќе значи и дека по третпат стигнува до пехарот без да загуби меч, како во 1999 и 2008.
И Гвардиола има шанса да влезе во историјата, ако го освои трофејот како тренер. Тој беше дел од Барселона во 1991/92 кога Каталонците стигнаа до првата круна. Јохан Кројф и Франк Рајкард, претходниците на Гвардиола во Барселона кои го имаат најсјајното одличје исто така го оствариле овој успех. Кројф со Ајакс како играч (1971, 72, 73) и како тренер со Барса (1992), како и Рајкард како играч со Милан(1989, 90) и со Ајакс (1995) и со Барса како тренер (2006).
„Црвените ѓаволи“ имаат традиција која вели дека кога и да играле во финалето во најпрестижното натпреварување победувале. Почнаа од 1967/68 со Бенфика (4-1), преку неверојатната 1998/99 и мечот за паметење со Баерн Минхен (2-1) до ланското финале со пенал рулет против Челси (6-5 на пенали; 1-1).
За разлика од „ѓаволите“, Барселона го игра шестото финале во ЛШ и атакува на трет триумф. Загуби од Бенфика со 2-3 (1960/61), од Стеауа Букурешт со 2-0 на пенали (1985/86) и од Милан со 0-4 (1993/94), а ги победи Сампдорија со 1-0 (1991/92) и Арсенал со 2-1 (2005/06).
Дуелот во моментов сите го гледаат низ призмата на двобојот Кристијано Роналдо – Лионел Меси, двата најубоити напаѓачи на светот. Роналдо беше прогласен за најдобар светски играч, а Меси беше втор во изборот на ФИФА за 2008 година, а истовремено Португалецот лани беше најдобар стрелец во ЛШ, што во моментов тоа е Аргентинецот.