Во рамки на фестивалот Охридско лето, вечерва, со филмски мини маратон ќе се одбележат 60- години на филмското платно на познатиот македонски актер Емил Рубен. Љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да ги проследат филмовите: „ Малиот човек“ од 1957 година, „ Истрел“ од 1972 година и „ Трето полувреме“ од 2012.

Како што истакнува директорката на Кинотеката на Македонија, Мими Ѓоргоска- Илиевска, организирањето на филмските вечери во рамки на фестивалот се можност повеќе, публиката да се потсети на големите филмски остварувања од македонската кинематографија.

Многу е значајно филмската програма да биде дел од фестивалот „ Охридско лето“ со што се одбележуваат значајни моменти и јубилеи за македонската кинематографија , но не само јубилеи  туку и значајни настани кои го потврдуваат нашето филмско наследство, а со потврдување на вредностите на филмското наследство се потврдува  и културното наследство кое е едно од најзначајните елементи за културниот идентитет на секој народ и држава. Филмовите кои утре ќе бидат прикажани се избрани со цел да прикажеме три периоди во филмското актерство на Емил Рубен- неговите почетоци како дете , големата улога во „ Истрел“ како школуван актер и „ Трето полувреме“, како искусен актер кој нема проблем со изведбата на улогата туку брилијантно ја игра покажувајќи дека во него сеуште има уште многу енергија за уште многу други  улоги, вели Илиевска.

Познатиот македонски актер, кој зад себе има голем број остварени улоги веќе две години е во пензија, но и понатаму секојдневно добива понуди за нови улоги во филмови, кои како што вели, за жал не се снимаат доволно.

Порано многу сериозно се припремаа филмски проекти, државата тогаш имаше поголема можност за финансиска подршка. Ако има добра организација тогаш снимањето филм функциноира добро, во Македонија имаме извонредно обучени кадри за правење филм во сите сегменти, од сценски работник до асистент на камера. Тоа се големи професиналци, но за жал не се снимаат доволно филмови, вели Рубен.

Емил Рубен се школувал во Скопје и во Загреб. Во 1971 година дипломирал на Академијата за филм и театар во Загреб. Од 1971 година работи како актер во Македонскиот народен театар во Скопје. Емил Рубен е еден од ретките македонски филмски актери кој уште од своите најмлади години има можност да снима со актерските величини како Миливоје Живановиќ, Мира Ступица, Бранко Плеша, Раде Марковиќ, а подоцна во својата професионална кариера – и со Ристо Шишков, со Мадлен Жобер (во францускиот филм „Јавачи на бура“ од 1983 година), со Илија Џувалековски итн.

Почеток на проекциите е во 19 часот.

OhridNews