Охридските љубители на филмската уметност вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе имаат можност да го погледнат филмот „Збор” од режисерот Слободан Деспотовски. Според најавите, проекции на филмот ќе има и утре и задутре (на 10-ти и 11-ти декември).
Филмот е реализиран од страна на „СД Продукција“ со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија и МРТ. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Сенко Велинов, Диме Илиев, Игор Стојчески, Ана Стојановска, Ванчо Петрушевски, Илбер Муртези, Гораст Цветковски, Катерина Шехтанска, Роберт Велјановски.
Филмот ја раскажува приказната за двајца пријатели: Горди – кој го почитува законот и кој сака да се обезбеди за староста што доаѓа но и да ја обезбеди иднината на неговата ќерка Александра и Арно – некогашен легионер, човек без вера ни закон. Приказната открива дека Горди баш и не го почитува законот и дека Арно сепак има еден закон – дадениот збор, кој ќе го почитува на свој, крвав, начин.
Почетокот на проекциите ќе биде во 20.00 часот, а влезниците ќе чинат 100 денари.
OhridNews