Филмот „Големата убавина“ („The Great Beauty “), кој годинава го доби Оскарот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, оваа седмица ќе се прикажува во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Проекции ќе има на 13-ти, 14-ти 15-ти и 16-ти мај 2014 година, со почеток во 20 часот.
Овој италјански филм кој е во режија на Паоло Сорентино беше ентузијастички прифатен од фестивалската публика и од критичарите. Рецензентката на „Њујорк тајмс“ филмот го нарече „невообичаено забавна халуцинација“, а според „Варајети“ се работи за „неверојатна кинематографска гозба“.
Филмот раскажува за Новинарот Џеп кој е дел од римските литературни кружоци уште од големиот успех на неговата една и единствена новела. Вооружен со ѓаволест шарм, тој со децении си го пробива патот низ богатиот ноќен живот. Но кога неговиот 65-ти роденден се совпаѓа со еден шок од минатото, Џеп почнува да ја врти својата духовитост против себе и своите современици и занемарувајќи ги екстравагантните ноќни клубови, забави и кафулиња, тој го доживува Рим со сета своја величенственост – вонвременски пејзаж со апсурдна, но неверојатна убавина.
Во филмот играат актерите Тони Сервило, Карло Вердоне, Сабрина Ферили и други
Влезниците за филмот ќе чинат 50 денари.
OhridNews