Најнаградуваниот македонски документарец, што со победа во три категории на почетокот на годинава триумфираше на престижниот филмски фестивал „Санденс“, „Медена земја“ (Honeyland), на 4-ти и 5-ти октомвриќе се прикажува во Охрид. Филмот, кој е годинешен македонски кандидат за „Оскар“ и е во трка за најдобар документарец на Европските филмски награди, охриѓани ќе можат да го видат во Националната установа Центар за култура „Григор Прличев”, со почеток во 20.00 часот. Цена на карта 100 денари.

„Земи половина од медот, половина остави за пчелите.“ По ова правило за баланс со природата се води Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Но, кога во нејзиното соседство ќе се досели номадско семејство-пчелари, таа се соочува со сериозен предизвик, да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа на земјата. Ако еден го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената!

 

Режисери: Љубо Стефанов и Тамара Котевска

Сниматели: Фејми Даут и Самир Љума

Продуцент и монтажер: Атанас Георгиев

Музика: „Фолтин“

Протагонисти: Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам, Љутвие Сам, Музафер Сам…

Жанр: Документарен

Возрасна категорија: Сите