Љубителите на филмската уметност вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе имаат можност да го погледнат филмот „Caprice“ кој ќе биде прикажан во рамки на официјалната програма на 9-от Француски филмски фестивал, кој се одржува во Охрид и во Скопје.
Режисер на филмот е Емануел Муре, а улогите ги толкуваат актерите Виржини Ефира, Анаис Демустие, Лоран Стокер.
Во филмот се раскажува за наставникот Клеман, чијшто живот целосно ќе биде исполнет кога партнерка му станува Алисија, славна актерка на која и се восхитува. Се’ ќе се усложни кога Клеман ја среќава Каприс, млада девојка којашто оди во крајности и којашто се вљубува во него. Во меѓувреме, неговиот најдобар пријател Тома се зближува со Алисија.
Филмот започува во 20:30 часот и влезот е бесплатен.
Во рамки на фестивалот утревечер, охридската публика ќе може да го проследи филмот „Три срца“ во режија на Беноа Жако, а во сабота филмот „Судија“ во режија на Кристијан Венсан.
Инаку свеченото отворање на Францускиот филмски фестивал се одржа вчеравечер во кино „Милениум“ во Скопје со филмот „Патот за Истанбул“, во режија на Рашид Бушареб.
OhridNews