Зелените желки, кои спаѓаат во загрозените животински врсти, нагло започнале да се размножуваат на филипинските изолирани острови. Голем број бебиња желки се излегнале на овие простори, а тоа е резултат на триесетгодишниот напор на експертите кои се трудат да ја одржат оваа ретка животинска врста. Луѓето ширум светот се здружиле како би го зголемиле бројот на зелените желки, кои за неколку години би ја зголемиле својата популација и на тој начин би престанале да бидат загрозена врста.

На Баџуан, еден од деветте острови кои се живеалиште на овие желки, во изминативе неколку години желките положиле 1,4 милиони јајца, што е најголем број откако бил поставен рекордот во 1984 година. Зелените желки биле речиси истребени, бидејќи нивните јајца биле сметани за деликатес во некои делови на Азија, а странските и локалните риболовци ги собирале и ги јаделе. Денес желките се чувани од крајбрежната стража.