Сите анализи укажуваат дека училишната година треба да почне со физичко присуство, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Додава дека засега ситуацијата се стабилизира, Р факторот на преносливост на вирусот веќе е намален под нула, додавајќи дека денес има околу 900 новоинфицирани.

Утре започнува школската година со редовно физичко присуство со исклучоци на средните училишта во Тетово и Гостивар кои ќе ја започнат наставата online прво во период од две недели, а потоа според состојбата. Утрово Комисијата за заразни болести ги разгледа барањата за одложување на учебната година во училиштата во Струга и Кичево и заклучи дека нема потреба од тоа, додава Филипче.

Тестирање на децата, кое е препорачано од СЗО и УНИЦЕФ, засега нема да има. Но, ако има индикација за тоа, ќе се направи рапид тестирање на учениците. За тоа треба да одлучи епидемиолог.

Во државава има околу 1000 хоспитализирани пациенти и тие со различен интензитет ги оптоваруваат болниците по различни градови. Најоптоварени се сеуште болниците во Тетово и Гостивар, а делумно во Кичево, Струга и Охрид. Најзастапена возрасна група на пациенти е над 60 години, а најмал на малите деца со ралтивна лесна форма на болеста. Од регистрираните смртни случаи најголем дел се возраст над 60 години, а над 73% се лица со хронични заболувања. Голем дел од овие лица прилично доцна се јавуваат на доктор, додава Филипче.

Филипче рече дека земјава бележи најголем раст на вакцинирани во регионот. Градови со најмногу вакцинирани лица се Охрид, Кавадарци, Неготино, Ресен. Во однос на вакцинацијата над 18 години со една доза е вакцинирано 43% од населението, од нив 28% од 18-39 години и 52% од 40 и над 40 години.

OhridNews