Во моментов ситуацијата поврзана со пандемијата предизвикана од коронавирусот е стабилна и нема потреба за дополнителни рестриктивни и мерки за заштита од оние кои веќе се на сила. Политиката на затворање се спроведуваше во периодот кога не беа достапни вакцините. Сега кога ги има и кога се достапни акцент треба да се стави на процесот на вакцинација, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче. Во тој контекст тој најави дека од понеделник почнува теренска вакцинација и вакцинирање на граѓаните без закажување.

Тој информира дека според информациите со кои располага во лабараториите во земјава не е секвенциониран нов случај на делта сој на коронавирус освен постојните. Но, рече, од МАНУ го информирале дека има четири случаи кои треба да бидат секвенционирани, а се суспектни на јужноафричкиот сој.

-Политиката на рестрикции и затворања беше практика во времето кога немавме вакцини, а сега треба да се фокусираме на вакцинирањето за да не живееме во рестрикции, рече министерот Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на Центарот за прва психолошка помош и психосоцијална поддршка на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Тој додаде дека подготовките за теренска вакцинација се при крај и оти наскоро се очекува и објавување на распоредите за нејзино спроведување.

-Сега нема потреба од нови мерки, затоа што ситуацијата е прилично мирна. Вакцинацијата треба да биде фокусот, а не да живееме во рестрикции. Гледаме дека и во Англија, иако има нови случаи, се попуштаат мерките. Да не живееме затворени, туку да се вакцинираме масовно, рече Филипче.

Тој додаде дека сите вируси, особено РНК вирусите многу мутураат и оти може да се очекуваат и нови мутации освен постојните. Потоа, нагласи, не значи дека треба да се затвораме и да има рестрикции, туку масовно да се вакцинираме за да кој било следен бран го дочекаме подготвени, бидејќи некои од предвидувањата се дека оваа состојба може да потрае, иако не може да се каже со сигурност.

Министерот Филипче истакна дка досега се вакцинирани околу 50 проценти од лицата над 70 години, околу 40 проценти од лицата над 60 години, затоа, според него, сега треба да се стави акцент и на помладите лица.

Тој најави декеа денеска во земјава треба да пристигнат 100 илјади дози вакцини „Астра Зенека“ донација од Грција.

OhridNews