Комисијата за заразни болести на денешниот состанок одлучи да и предложи на Владата, сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работното место да прикажат потврда за примена најмалку една примена вакцина или ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Вработените треба да прикажат или потврда за прележан ковид не постар од 45 дена, или пак потврда од лекар специјалист дека вакцината не можат да ја примат а тоа се оние ретки имунолошки состојби.
Препорачуваме во овие мерки да се приклучат и приватните компании. Веќе имаме на некој начин потврда, очекуваме дека ќе може да се приклучат, со оглед на тоа што од Сојузот на стопански комори стигна едно писмо со слични барања, а се со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата, изјави денеска Филипче по состанокот на Комисијата.
Уште една мерка е и препораката вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници.
Филипче напомена дека предлог е овие мерки да стапат на сила десет дена откако ќе ги усвои Владата за граѓаните да имаат временски период да се вакцинираат, а период од 30 дена да дадат на оние 20 до 30 проценти здравствени работници, кои во овој момент се уште не се уште вакцинирани.
Како што рече, ќе бараат и да се ажурира процесот на контрола од страна на сите инспекторати и МВР.
Имаме електронски алатки, не се само хартиените сертификати, туку европските сертификати може да ги симнат сите граѓани кои користат таков тип на мобилни телефони и на апликација која што го прикажува соодветниот код и има апликација што ја контролира валидноста на тој код, што значи дека се елиминира можноста да имаме фалсификувани сертификати. Апликациите ги има и во системот на гугл и во системот на ајфон, рече министерот за здравство.
Тој смета дека ова е една мерка со која значајно ќе се зголеми опфатот со вакцинација.
Филипче додаде дека после мини пикот од неколку дена кога се наполниле сите активни ковид центри во Скопје, во моментов ситуацијата делумно спласна. Но, како што рече, пред нас е зимска сезона, сезона на грипови и настинки.
Има пациенти кои заболуваат и од други сериозни болести, мора да мислиме и на нив, не може да се занимаваме само со КОВИД и не може да правиме само КОВИД-центри, мора болниците да работат и за другите болести, за другите пациенти. Оваа мерка верувам дека ќе го зголеми опфатот со вакцинација и дефинитивно ќе се намали бројот на заболени од КОВИД.
Верификацијата на вакциналниот сертификат или потврдата за ковид прележаност на влез во јавна установа, според препораките од Комисијата ќе ја контролира одговорно лице кое ќе го постави самата институција.
Предложените мерки ќе бидат предмет на дискусија на следната владина седница, истакна Филипче. Додава, дека верува дека ќе има добар одзив и сите вработени во здравствените установи ќе се вакцинираат. Што се однесува на ПЦР тестот кој треба да се прави еднаш неделно, на тој начин ќе се осигура дека не вакцинираните се безбедни за околината во којашто работат, додаде Филипче.
OhridNews